ЦАКО ЈА ПРОМОВИРА СВОЈАТА ПРВА СТИХОЗБИРКА ВО КИНО ФРОСИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Јас сум Цако“ е првата стихозбирка на Александар Матовски-Цако, која вечерва во 19 часот ќе биде промовирана во кино Фросина во Младински културен центар.

Дваесет и деветгодишниот Цако е роден со Даунов синдром, но од старт бил вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Лани дипломираше на Педагошкиот факултет во Скопје во областа на предучилишно образование.

Цако почнал да пишува поезија на 18-годишна возраст. Автор е на емисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото „Радио Моф“ и е активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби.

„Љубовта е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата, животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата ‘Јас сум Цако‘. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, е вистинска инспирација за лицата со попреченост“, вели издавачот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.