18 ноември е ден кога запира цела Јужна Кореја. Тоа е денот кога стотици илјади средношколци го полагаат исцрпувачкиот осумчасовен приемен испит за националните универзитети, кој се смета за најтежок на светот. И додека властите преземаат вонредни мерки да не се нарушува концентрацијата на учениците, нивните родители одат во храм да се помолат.

Влогот е огромен и нивните идни животи буквално зависат од него. Познат како suneung, тестот е клучен не само за запишување на еден од најдобрите универзитети, туку и за обезбедување повисок општествен статус, профитабилна кариера, па дури и подобри шанси за брак.

Родители се молат за своите деца пред почетокот на испитот

Според министерството за образование, оваа година приемниот испит го полагаат 509.821 ученик. За период од осум часа, тие ќе добијат оценки од 1 до 9 за секој од осумте предмети: корејски, математика, англиски, корејска историја, општествени науки, наука, стручни студии и втор странски јазик или кинески знаци.

На денот на тестот, берзите, банките и државните установи почнуваат со работа еден час покасно, се прилагодува движењето на авионите, владата го засилува јавниот превоз за да се избегнат сообраќајни гужви, а полицијата ги придружува учениците кои доцнат.

Огромниот притисок што учениците го чувствуваат во ултраконкурентниот образовен систем на Јужна Кореја се обвинува за честата депресија кај тинејџерите и за стапката на самоубиства, која е меѓу највисоките на светот. Исто така, критичарите велат дека suneung создава систем во кој луѓето од рана возраст се делат на победници и губитници врз основа на еден ден.