ЦЕЛОСНО ЗАЧУВАНИ ОСТАТОЦИ ОД МЕЧКА ОД ЛЕДЕНО ДОБА ОТКРИЕНИ ВО РУСИЈА

Јакутск, (Гардијан)

Ловци на елени на рускиот Арктик пронашле извонредно зачуван леш на пештерска мечка од ледено доба, за која се смета дека исчезнала пред 15.000 години.

Мечката, која е откриена на Љаховски Острови, има целосно зачувани заби и нос. Научниците досега имаат наоѓано само коски од овој тип мечка, па затоа ова откритие го сметаат за исклучително важно.

„Ова е првпат да се открие целосен леш на пештерска мечка, вклучувајќи го и мекото ткиво. Тој е целосно зачуван, сосе внатрешните органи и носот“, изјави Лена Григорјева од Североисточниот федерален универзитет во Јакутск.

Првичните анализи кажуваат дека станува збор за возрасна мечка, која живеела во периодот пред 22.000-39.500 години.