ТУРСКИ ТЕАТАР СО ПРЕТСТАВАТА „СЛУГИНКИ“ ИГРА НА МОТ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Претставата на Турскиот театар од Скопје, „Слугинки“, во режија на Сибел Абди, е на програмата денеска (10 ноември) на Млад отворен театар (МОТ) во Скопје. Претставата ќе се изведе од 20 часот во Театар Комедија.

„Бунтот и крикот на младата генерација, која се соочува со низа проблеми и конфликти помеѓу луѓето во време кога светскиот капитал е репер за моќ, е основната движечка сила на ‘Слугинки’. Текстот на Жан Жане преку апсурдот ги демонстрира самоволието на класните ознаки и вистинската борба на класната нееднаквост“, најавува МОТ.

Претходно од 17 часот, на Факултетот за драмски уметности предавање ќе држи Душан Пернат, кој повеќе од четири децении работи како менаџер за меѓународни турнеи во Словенско младинско гледалишче. Разговорот со Пернат, кој ќе зборува за неговите исклучително богати и интересни искуства и за предизвиците на често занемарената професија театарски продуцент, ќе го води Тања Дешко, театарска продуцентка, управителка на АРТАКТУМ и поранешна раководителка на меѓународниот оддел во московскиот театар „Мастерскаја Пјотр Фоменко“.