УЧЕНИЦИ ОД ПРИЛЕП И БИТОЛА ЧИТАА ДЕЛА И ДРАМАТИЗИРАА БАЈКА НА ГЕРМАНСКИ ЈАЗИК

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Во Универзитетската библиотека во Битола се одржа литературно читање на кое ученици од основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп читаа извадоци од дела на Кристине Нестлингер и Ренате Велш на германски јазик. Тие се реномирани австриски писателки за деца и млади, добитнички на многу награди, а Велш веќе има гостувано на настан организиран од Австриската библиотека во Битола.

Учениците ја посетија и Австриската библиотека, која постои од 2001, а последните 12 години е сместена во Универзитетската библиотека. Таа располага со над 3.000 дела со германскојазична литература, од кои голем дел се за деца и млади.

Учениците кои се дел од германската секција во ОУ „Тодор Ангелевски“ во Битола изведоа куса драматизација на бајка на германски јазик за вредните и мрзливите деца и последиците од таквото однесување. Предметните наставници по германски јазик Мариче Кузеска, Симона Монавчева, Петра Цуцулоска и Симеона Павловска беа дел од организацијата на настанот.

Ж. ЗДРАВКОВСКА