УЧЕСНИЦИТЕ ВО ВЕЛЕШКАТА СКУЛПТОРСКА КОЛОНИЈА ОД ДОМА СОЗДАВААТ ДЕЛА ОД ОТПАД ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во тек е меѓународната скулпторска колонија „Велес 2020”, втора по ред. На неа учествуваат седум автори, шест од земјава и еден од Бугарија. Тие ќе творат до 22 октомври, но во домашни услови. Уметничките дела ќе бидат поставени на јавни површини во градот на 9 Ноември, Денот на ослободување на Велес.

„Поради актуелната пандемија на ковид-19, авторите ќе творат во домашни услови, во нивните ателјеа. Скулптурите потоа ќе бидат донесени и поставени на локации кои заеднички ќе ги одредиме. Авторите ќе го набават материјалот за работа од нивниот најблизок склад, а потоа таа вредност ќе им биде надоместена од организаторот, Општина Велес“, кажа координаторот на колонијата, скулпторот Илко Стојановски.

Главната порака е иста како и лани, заштитата на животната средина.

„Скулптурите ќе бидат изработени од отпадно железо и мермер. Тие се доказ дека отпадот може да се искористи на најдобар можен начин, повторно да се употреби и пренамени, со што ќе биде претворен во уметничко дело и ќе го збогати естетскиот лик на градот“, изјави градоначалникот Коцевски.

За Скулпторската колонија, Општина Велес обезбеди 400.000 денари од својот буџет, а поддршка од 200.000 денари даде Министерството за култура.

П. ПЕЧКОВ