УКРАИНЦИТЕ ЌЕ ИГРААТ ФУДБАЛ СРЕДЕ ВОЈНА, НА СТАДИОНИТЕ ЌЕ МОРА ДА ИМА СКРИВНИЦИ

Киев, (Би-Би-Си)

Речиси шест месеци од почетокот на руската инвазија, Украина се подготвува да ги обнови своите домашни фудбалски натпреварувања, и покрај постојаните опасности што ги носи војната. Конечната одлука за прекин на претходното првенство беше донесена во април, а во јули беше одлучено новата сезона да стартува на 23 август, кога се одбележува Денот на националното знаме.

„Рестартирањето на фудбалот е голем чекор за земјата. Тоа е знак за светот дека Украина може и ќе победи. Тоа исто така е знак за општеството дека сме самоуверени“, вели претседателот на Украинската фудбалска федерација, Андриј Павелко.

Од почетокот на војната, многу клубови се преселија во градови како Лавов, бидејќи западот се смета за побезбеден од другите региони. Динамо Киев планира да игра во главниот град или во околината, додека Металист Харкив тренира во Ужгород, на границата со Словачка.

„Работиме напорно на тренинзите. Сакаме нашите фанови да ги направиме среќни“, вели голманот на Металист, Денис Сидоренко.

Фудбалската федерација разговара со министерството за одбрана за тоа како да се играат мечеви оваа сезона. За почеток, нема да има гледачи на трибините, а секој стадион мора да биде опремен со сирени за тревога и скривници.

И додека Шахтар веќе осум години игра во изгнанство, два клуба од последното првенство веројатно нема да се вратат наскоро: Десна Чернигов и Мариупол.

Чернигов се наоѓа близу границата со Белорусија и во првите недели беше целосно опколен од руските трупи, при што стадионот „Јури Гагарин“ беше тешко оштетен. Русите се повлекоа во почетокот на април, додека Мариупол денес е руина по неколкумесечните бомбардирања.

„ФК Мариупол сега не постои. Храброст е повторно да се почне со фудбалот и среќен сум поради тоа, но и загрижен“, вели 21-годишниот бек Олександр Драмбаев, кој од Мариупол премина во Белгија.