Излезе јубилејното 50. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, кое во исто време одбележува десет години постоење. Новиот број, кој од денеска е во продажба, се фокусира на темата создавање услови за инклузивни работни места.

„Постои одржливо решение за компаниите во Македонија кои се соочуваат со недостаток на работна сила, кое обезбедува повеќе бенефити. Страниците на овој број ја носат перспективата за едно праведно и инклузивно општество, во кое секој граѓанин има еднакви можности за работна реализираност“, порачуваат од списанието.

„Лице в лице“ е улично списание кое излегува еднаш на два месеца од септември 2012 и го промовира моделот на социјално претприемништво. Продавачите, чија бројка изнесува 150, доаѓаат од најранливите групи во општеството и половина од цената на списанието оди за нив. „Лице в лице“ преку своите содржини ги поттикнува компаниите на општествена одговорност и се грижи за подобра иднина на маргинализираните групи и јавниот простор.

„Отворањето бизниси со инклузивна работна средина, бизниси свртени кон вработените и животната средина е промена на патот кон создавање поодржливо општество. Затоа овој број им го посветуваме ним, на претпријатијата кои се двигатели на промени и се стремат кон одржливо лидерство“, вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“.