УШТЕ ШЕСТ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19, ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ЌЕ БИДЕ ОЛЕСНЕТ ЗА ПРВОМАЈСКИОТ ВИКЕНД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Бројот на починати од КОВИД-19 во Македонија порасна на 71, додека по неколку викенди строг полициски час, движењето за 1 Мај, сепак, ќе биде дозволено.

  • Уште шест лица починаа од последиците на коронавирусот, а вкупно 71 досега.
  • Министерството за здравство објави дека починале три пациенти од Скопје на возраст од 58, 71 и 75 години, двајца прилепчани на возраст од 58 и 63 години, како и 51-годишна тетовка.
  • Во последните 24 часа се направени 362 тестирања и 22 биле позитивни.
  • Од нив, половина се во Скопје, потоа три во Велес, по два во Гостивар, Куманово и Кавадарци и по еден во Струга и Неготино.
  • Во Македонија досега има 1.421 случај на коронавирус.
  • Бројката оздравени изнесува 589, 36 повеќе во однос на вчера.
  • За разлика од Велигден, за продолжениот првомајски викенд нема да има општа забрана за движење во земјава.
  • В петок, сабота и недела, полицискиот час ќе трае од 14 до пет часот, малолетниците ќе смеат да излегуваат само од 12 до 14 часот, а лицата над 67 години од пет до 11 часот.
  • Во светот досега има речиси 3,1 милион заразени, од кои починале над 213.000.