ВЕЛЕШАНИ ЌЕ ИМААТ ТЕАТАРСКИ МАРАТОН В САБОТА

Велес, (СМАРТ СДК,МК)

В сабота, на двете сцени на театарот „Џинот“ во Велес, ќе се одржи театарски маратон со три хит-претстави од неговиот репертоар.

Тој ќе почне во 20 часот, со изведба на претставата „Театар љубов моја“ од бугарскиот автор Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски. „Театар љубов моја“ е претстава за четири актерки (Кица Ивковска, Зорица Панчиќ, Кети Борисовска и Талија Настова) од четири различни генерации, со четири различни биографии и сензибилитети на сцената.

Во 22.30 часот ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ од британскиот автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, со актерите Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски. Тоа е драма за современата психијатрија, застарените методи на лекување и за беспомошноста на лекарите да ги лекуваат своите пациенти без седативи.

Во еден часот по полноќ ќе почне претставата „Шумата на моето дрво“, по текст на Сашо Димоски, а во режија на Александар Ивановски. Претставата, во која настапуваат актерот Васил Зафирчев и музичарот Сашко Костов, е ноќна одисеја низ стомакот на една шума која умира, на еден човек што се обидува да најде смисла во својот живот и во својот статус како туѓинец.

П. ПЕЧКОВ