МАКС ШТЕКЛ СО ВЕЛОСИПЕД СЕ СПУШТИ ПО НАЈТЕШКАТА СКИЈАЧКА ПАТЕКА НА СВЕТОТ

 Кицбил, (Си-Ен-Ен)

Планинскиот велосипедист Макс Штекл успеа да се спушти по легендарната спуст-патека Штрајф во КицбилАвстрија, која од многумина светски скијачи се смета за најтешка и најопасна во алпското скијање.

Тој достигна максимална брзина од 103,64 километри на час, станувајќи прв човек кој на овој начин ја поминал 3,3 километри долгата патека.

„Ова претставува посебна чест за мене. Морав да внимавам да не ја уништам работата на скијачкиот клуб и да не откачам делови од оградата. Познатите критични делови од патеката беа особено тешки за мене и морав добро да се потрудам да ги поминам капиите“, кажа Австриецот.

43-годишниот Штекл е навикнат на уривање рекорди. Во 2007 година, тој возеше со 210 километри на час на чилеанските Анди и е најбрз човек на планетата на нерамни падини. На крајот на 2016 година, тој достигна брзина од 167,6 км/час во пустината Атакама.

При возењето на Штрајф, Штекл користеше 15 милиметарски шилци на тркалата на велосипедот.