ВЛАДАТА ОБОЕНА ВО ПОРТОКАЛОВО – ПОЧНА КАМПАЊАТА „16 ДЕНА АКТИВИЗАМ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИ И ДЕВОЈКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со осветлување на зградата на Владата во портокалово, вчеравечер почна кампањата „#СлушниЈА – стави крај на насилството врз жени и девојки“, која е дел од глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жени и девојки“, по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените. Настанот го организираа Обединетите нации и Владата, заедно со повеќе невладини организации и претставници на дипломатскиот кор.

Истражување на ОБСЕ покажа дека 14 проценти од жените во државата биле жртви на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, било од партнер, било од друго лице.

„Многу долго, молчењето и стигмата овозможија насилството врз жените да продолжи, а отсуството на критика од општеството дополнително ја влошува ситуацијата. Дојде време да го запреме ова“, рече амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека без одлучност и конкретна акција, секоја боја ќе остане само боја.

„Во следните 16 дена, Владата ја осветлуваме во портокалово, но против насилството врз жената треба да се бориме секој ден. Големи почит и благодарност до сите оние кои секојдневно работат да им овозможат помош и поддршка на жртвите на насилство. Секој од нас може да го спречи“, рече Царовска.