Џез гитаристот Владимир Четкар денеска (1 декември) во Чикаго ја почнува серијата настапи низ Америка. На 15 декември, охридскиот музичар ќе свири во Њујорк, на 12 јануари во Кливленд, на 13 јануари во Колумбус, на 24 јануари во Сан Франциско, а клупската турнеја му завршува на 27 јануари во Детроит.
„По концертите што ги имав во Јужна Кореја, Македонија и Унгарија, заминувам на есенско-зимска турнеја во САД. На сите настапи стандардно ќе се претставам со своја авторска музика, а ќе бидам придружуван од американски, јапонски и мексикански музичари“, ни изјави Четкар.
Во Америка, тој паралелно ќе го снима вториот дел од новиот студиски албум, кој ќе биде објавен во првата половина на 2024. Вели дека снимањeто со оркестралните делници ќе биде во Чикаго и Милвоки.
Четкар, кој претходно живееше во САД, а сега во родниот Охрид, вели дека идеалната комбинација за него е да живее во Охрид, а да настапува и снима во Америка.
„По турнејата и снимањата во Америка, се враќам во Македонија, во Охрид, каде што ќе уживам во идилата и мирот, кој во зима е навистина волшебен. Со години сонував за еден баланс на моите професионални активности и патувања надвор и живеењето во Охрид. Овој баланс конечно го постигнав последниве неколку години и тоа ми дава огромна сатисфакција, инспирација и среќа. Мојата поврзаност со Охрид не е само поради тоа што господ тука ми дал душа и што тука живее моето семејство, туку и поради тоа што Охрид е нашето мало парче кое паднало од рајот“, вели Четкар.
М. ЏАРОВСКА