ВО МСУ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ДЕФРАГМЕНТАЦИЈА“ СО ДЕЛА ДОНИРАНИ ОД УМЕТНИЦИ ОД ЦЕНТРАЛНА ЕВРОПА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 20 часот се отвора изложбата „Дефрагментација“ со 96 дела од колекцијата на МСУ подарени од 86 уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На оваа изложба, која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе бидат претставени слики, скулптури и графики создавани во периодот од 1905 до 1989 година.

По подолго време, пошироката јавност ќе има можност да види значајни дела од колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали кои се однесуваат на изложби и донации. Kонцептот на солидарност, на кој се темели МСУ, е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие“, потенцираат кураторите.

Веднаш по веста за земјотресот во 1963, голем број уметници од целиот свет им подарија дела на Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу нив, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела од различни уметнички дисциплини.

Изложбата ќе биде отворена до 15 септември.