ВО ВЕЛЕС ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБА НА ПЛАКАТИ ОД ЛАЗЕ ТРИПКОВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба на плакати од Лазе Трипков, именувана „Визуелни рефлексии“. Изложени се 30 дела од два циклуса на творештвото на авторот од 2020 наваму.

„Изложените плакати се од циклусите ‘Креативни рефлексии‘ и ‘Глаголицата‘. Делата се визуелни експресии. ‘Глаголицата‘ е осовременување на модерниот контекст за нејзино полесно разбирање. Плакатите што ги изработив се моја рефлексија, мое доживување на начинот на кој сум го перцепирал затворањето за време на ковидот, потоа за неможноста да се изразуваат лични ставови или мислења за случувања на локално или меѓународно ниво. Сите плакати се мој визуелен одговор на случувањата“, кажа авторот Трипков.

Организатор на изложбата е Народен музеј Велес

„При дизајнирањето на плакатот како медиум за јавно информирање авторот во преден план ги става редот и функцијата, повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот, кој треба да ја пренесе информацијата. Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум“, кажа Елица Николова, историчар на уметноста.

П. ПЕЧКОВ