Во Ликовниот салон се одржа „тивка аукција“ на ликовни дела, изработени од деца од велешките градинки. Тие се направени на 3 декември, на Светскиот ден на лицата со попреченост. Настанот имаше хуманитарен карактер, а собраните средства беа наменети за здружението „Сончогледи кон сонцето“.
Беа избрани и изложени 62 детски цртежи, а непродадени останаа десетина. Тие ќе се продаваат дополнително, преку социјалните мрежи.
„Тука не завршуваме, продолжуваме со нашата хумана дејност. Продолжуваме да ги воспитуваме децата во духот на хуманоста и солидарноста“, кажа Маја Велиновска, директорката на градинката „Димче Мичев“, која ја организираше аукцијата.
Ирена Лозана, претседателката на „Сончогледи кон сонцето“, изрази благодарност за хуманитарната акција.
„Со ваквите настани се зголемува свеста за инклузивноста во општеството. Без оглед колку средства ќе се соберат од настанот, се радувам на дружењето и вклученоста на толку луѓе со големо срце кои сакаа да помогнат“, кажа таа.
Највисока цена достигнa цртеж на девојче со плетенки, од 1.500 денари.
П. ПЕЧКОВ