ВОЗБУДЕН СУМ ШТО ДОАЃАМ ВО СКОПЈЕ, КАЖА ВИОЛИНИСТОТ РОМАН СИМОВИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ СО ОРКЕСТАРОТ „ПРОФУНДИС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистот Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонската филхармонија, и камерниот оркестар „Профундис“ ќе одржат заедничкои концерт на 16 октомври во Филхармонијата од 20:30 часот, со кој ќе диригира Ѓурѓица Дашиќ. На денешната прес-конференција во Скопје, иако беше најавен, Симовиќ не успеа да стаса поради откажаниот лет од Белград. Виолинистот се вклучи онлајн на пресот.

„Многу сум среќен што доаѓам во Скопје по подолг период. Возбуден сум од можноста за соработка со македонскиот камерен оркестар ‘Профундис‘, за кој имам слушнато само пофалби и убави зборови од моите колеги, а особено драга ми е средбата со диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Особено драга ќе ми биде изведбата на Пјацола, врвно и многу ефективно дело, за кое ветувам дека ќе ги оставам срцето и душата на сцена“, кажа Симовиќ.

Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка на камерниот оркестар, изјави дека ќе се изведат дела на тројцата најголеми британски композитори, Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и познатите „Четири годишни времиња“ од Астор Пјацола.

„Имаме реализирано 27 концерти овие четири години, интернационални гостувања и мултимедијални настапи со врвни македонски солисти, но и со познати имиња од светската класична музичка сцена“, додаде Јане Бакевски, креативен директор во „Профундис“.

Камерниот оркестар „Профундис“ постои четири години. Во него свират музичари кои се дел од оркестрите на Националната опера и балет и Филхармонијата.

Српскиот виолинист Симовиќ е вонреден професор на Кралската академија во Лондон. Често води мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија. Симовиќ е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година, која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

М. ЏАРОВСКА / Фото: К. ПОПОВ