ВРЕНЦОСКА, ЈАНКОВСКА, ПЕЦОВ, ТАНЕВ, ТАНЕВСКА И РИСТОВСКА ГИ ДОБИЈА НАГРАДИТЕ НА ДЛУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Уметниците Гордана Вренцоска, Нела Јанковска и Иво Пецов се годинашните добитници на наградите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) за сликарство, скултпура и за графика. Добитник на наградата за најдобар млад автор е Леон Танев.

Наградите беа доделени на 1 ноември на отворањето на Годишната изложба на ДЛУМ во Мала станица.

„Изложбата е потполно хетерогена, со обединувачки карактер виден во мноштвото на различни ликовни дела. Значењето на оваа изложба е големо во ликовно-историски контекст, бидејќи овозможува директен преглед и разбирање на тековните интереси и активности на членовите на ДЛУМ. Таа е неселективна, со цел да ги прикаже актулните ликовни стилови и техники и да им овозможи на сите учесници-членови на ДЛУМ јасно согледување на своето место во ликовниот простор на Македонија во период од една година“, велат од ДЛУМ.

ДЛУМ ги отвори изложбите „Мал формат“ и „МиниАртура“ во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, а уметничкиот совет одлучи да им додели награди на Тања Таневска за „Мал формат“ и на Тања Ристовска за „МиниАртура“.

„Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. На изложбата се презентирани дела во дводимензионален и тридимензионален формат, цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники“, вели Друштвото.

Фото: Од отворањето на изложбата во Мала станица (Фото: ДЛУМ)