ЗА ЧЕТИРИ ЧАСА ПРОДАДЕНИ 4.000 КАРТИ ЗА ФЕСТИВАЛОТ ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА ВО КУМАНОВО

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

Кумановци и оваа година чекаат ред за да купат билети за Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија, кој ќе се одржи од 28 септември до 14 октомври во Куманово. Вчера, за четири часа беа продадени над 4.000 билети на касата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ или околу 50 отсто од вкупниот број. Најголем интерес имаше за кумановската, српските и за хрватските претстави, кои се распродадени.

Поради големиот интерес, оваа година го ограничивме купувањето на по два билета, по принципот прв дојден, прв услужен. Од наредната година, продажбата најверојатно ќе биде комбинирана, дел на билетарница, дел онлајн, за да ги задоволиме навиките на сите генерации“, изјави Сашо Тодоровски, директорот на Центарот за култура.

По најавата дека билетите ќе бидат пуштени во продажба во 12 часот, луѓе од сите возрасти вчера дојдоа дури два часа порано за да фатат ред.

Не ми беше тешко да чекам. Вреди да се почека кога има убави претстави“, кажа една кумановка.

На 25. издание на фестивалот ќе се изведат 12 претстави од театри од Македонија, Србија, Бугарија и Хрватска. Новина е што фестивалот доби натпреварувачки карактер, па стручно жири ќе избира најдобра претстава, актер, актерка, режија, сценографија и костимографија.

Фестивалот в среда ќе го отвори претставата „Приватни животи“ на Градски театар од Винковци (Хрватска).

Наградата за животно дело во областа на комедиографијата „Васил Иљовски“ оваа година ја доби актерот Благоја Чоревски.

С. НИКОЛИЌ