ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ ОСВОЈАМ ЗЛАТО НА СВЕТСКИОТ ТУРНИР ПО МАТЕМАТИКА, САКАМ ДА ПРОДОЛЖАМ НА ХАРВАРД, ВЕЛИ ДЕВЕТГОДИШНИОТ МАКЕДОН ДИМИТРОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Математичкиот гениј од Тетово, 9-годишниот Македон Димитровски, освои златен медал на меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кој се одржа во Скопје, а го организира Асоцијацијата на математичари од Несебар, Бугарија.

Младиот математичар вели дека имал добар мотив да победи, откако родителите му ветиле дека ако освои злато, ќе ја добие долгo посакуваната видеоигра, со која ќе може да ги истражува планетите.

„Знаев дека ќе освојам злато, и му го кажав тоа на татко ми веднаш откако излегов од училиштето ‘Тихомир Милошевски’, каде што се одржуваше натпреварот. Таму бевме околу 30 деца од Македонија. Јас освоив златен медал во мојата, трета категорија во есенскиот дел од првенството, во која имаше 4.000 деца од целиот свет. Многу сум среќен што си го исполнив сонот и горд сум“, ни изјави Македон Димитровски.

Македон со родителите Тина и Владимир

Неговиот татко Владимир Димитровски вели дека на натпреварот имало 23.000 учесници од 29 земји.

„Со освојувањето на златото, Македон доби директен влез во суперфиналето, кое се одржува налето. И претходно има учествувано на ‘Математика без граници’ и имаше пет медали, бронзени и сребрени. Драго ми е што овојпат стаса до злато. Никогаш нема да ги заборавам неговиот израз на лицето и насмевката кога излезе од училницата по натпреварот“, вели Димитровски.

До минатата година, Македон учеше во основното училиште „Лирија“ и живееше во Тетово. Оваа учебна година доби стипендија и продолжи во приватното училиште „Нова“ и со семејството е преселен во Скопје. Татко му вели дека брзо се вклопил во новата средина.

Македон е познат по тоа што веднаш може да пресмета задача со множење со големи броеви и вели дека има свој начин како го прави тоа. Програмата која ја учел до лани во Тетово му е одамна позната, но на часовите ретко кревал рака, сакајќи да им даде шанса на другарите од одделението да научат.

Неговиот сон е да се запише на Универзитетот Харвард во САД, а приемниот испит ќе го полага кога ќе наполни 12 години.

„Двапати неделно се подготвува со професор од Мелбурн онлајн. Ако го положи приемниот испит, на 12 години може да стане студент на Харвард, со опција да студира со физичко присуство или онлајн, а овде паралелно ќе го завршува основното образование. Професорот вели дека добро напредува во задачите“, ни изјави таткото на Македон.

М. ЏАРОВСКА