Вечерва во 20 часот, од платото пред Офицерскиот дом во Битола започнува втората ноќна женска трка „Биди своја“, на која годинава има 350 учеснички, стотина повеќе од лани. Тие се на возраст од 13 до 77 години и ќе трчаат на патека долга пет километри.
„Дека трката мотивира што повеќе жени, доказ е зголемениот број учеснички. Триесет и седумгодишната девојка која лани беше последна на трката, годинава ни се приклучува 20 килограми послаба. Сме ја инспирирале цела година да биде физички активна“, рече Маја Атанасовска, организаторка на трката и фитнес инструкторка.
Трката има за цел да им покаже на жените дека и во приватниот живот можат да ги остварат зацртаните цели.
Ж. ЗДРАВКОВСКА