ХОЛАНДСКИОТ ГРАД ЛЕУВАРДЕН ДОБИ ПОДВИЖНА ШУМА СО НАД ИЛЈАДА ДРВЈА

Леуварден, (Гардијан)

Од почетокот на мај, „шума“ со 1.200 дрвја секојдневно се движи низ холандскиот град Леуварден, давајќи им на луѓето можност да искусат алтернативна, позелена иднина. Проектот „Боск“ (Шума) ќе трае 100 дена, до 14 август, до кога 5.000 волонтери бавно ќе ги преместуваат дрвјата низ градот, на маршрута долга три и пол километри.

Улици и велосипедски патеки се затвораат од понеделник до петок за да можат дрвјата да „шетаат“, а во викендите мируваат.

Проектот е дело на пејзажниот архитект Бруно Дуденс и произлезе од негов есеј од 2021, во кој ја преиспита човековата врска со природниот свет.

Дрвјата се шетаат низ градот со помош на 5.000 волонтери

„Човекот како вид моментално се однесува како адолесцент кој не сака да си ја исчисти собата. Мора да пораснеме и да почнеме да се грижиме на нашата околина“, вели Дуденс.

Меѓу дрвјата има 60-70 локални видови кои се засадени во 800 дрвени контејнери. Во почвата има сензор кој алармира кога на дрвјата им треба вода.

„Ова се некои од најдобро чуваните дрвја на светот“, вели Дуденс.

Проектот доби голема поддршка од локалните луѓе, а кога дрвјата стојат, меѓу нив се поставуваат клупи за да се ужива во сенката.

„Луѓето толку многу уживаат во дрвјата што сакаат да останат“, вели Дуденс, додавајќи дека по 14 август, тие ќе бидат посадени низ градот.