НАД 186 ТОНИ ОТПАД СОБРАНИ ВО 26 ОПШТИНИ НА ВТОРАТА ЕКОЛОШКА АКЦИЈА „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 186 тони ѓубре беа собрани на второто издание на годишната еколошка акција „Генералка викенд“, што беше спроведена во 26 општини.

Во акцијата беа чистени општините Аеродром, Берово, Битола, Град Скопје, Ѓорче Петров, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Сарај, Теарце, Велес, Валандово, Босилово, Демир Капија, Гостивар, Крушево, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип, Гевгелија, Конче, Струмица, Дебар и Шуто Оризари.

Организаторите „Мен енд маунтен“ кажаа дека во „генералката“ учествувале 8.212 волонтери, со што таа го оправда епитетот на најголема организирана акција на чистење и селектирање отпад во земјава. Од собраните 186.748 килограми отпад, над седум тони се пластика, а од дивите депонии се расчистени 105 тони најразновидно ѓубре.

Планирано е за секои десет килограми собран отпад да се посади едно дрво. Акцијата се организираше во соработка со „Пивара Скопје“ и „Пакомак“ и беше поддржана од Министерството за животна средина.

Минатата година, над 1.000 учесници во акцијата собраа 175 тони отпад.