СТАР, ЕВТИН И ШИРОКО ДОСТАПЕН СТЕРОИД СЕ ПОКАЖА КАКО ПРВ ЕФИКАСЕН ЛЕК ПРОТИВ КОВИД-19

Лондон, (АП)

Британските истражувачи вчера го возбудија светот со објавата дека имаат докази дека еден веќе постоечки лек може да помогне да се спасат животите на тешко болни пациенти со КОВИД-19.

Станува збор за евтиниот, широко распространет стероид дексаметазон, кој, според нив, за една третина ја намалува смртноста кај лицата приклучени на респиратор, односно за една петина кај оние што се на кислородна поддршка. Тие велат дека доколку овој лек се користел од почетокот на епидемијата, би се спасиле 5.000 животи во Велика Британија.

Ова е добра вест. Ова е значителен напредок во постојните терапевтски опции што ги имаме“, вели д-р Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести.

Дексаметазон е во употреба од 1950-ите и служи за намалување на воспаленија, што понекогаш се развиваат кај пациентите со КОВИД-19 додека имунолошкиот систем засилено се бори со заразата. Оваа претерана реакција ги оштетува белите дробови, што може да заврши фатално.

Добрата вест е што лекот е евтин, 20-30 долари за цел третман. Ова не е дефинитивен лек, но секако е голем чекор напред“, вели д-р Мартин Лендреј, чиј тим од Оксфорд го водеше истражувањето.

Дексаметазон припаѓа на класа лекови познати како кортикостероиди и се користи за третман на разни состојби, како сериозни алергии, артритис, сериозна астма, некои типови на мачнини и проблеми со дишењето кај бебињата.

Истражувачите велат дека користеле мали дози на краток временски период, па затоа нема збор за споредни ефекти. Исто така, лекот не е ефективен за пациентите со благи симптоми.