СВЕТОТ ГО ПРОМЕНИ СТАВОТ ЗА МАСКИТЕ, НАД 130 ДРЖАВИ СЕГА ПРЕПОРАЧУВААТ ДА СЕ НОСАТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Во изминатите неколку дена, и Доналд Трамп и Борис Џонсон за првпат беа видени во јавност со заштитна маска. Ова е драматичен пресврт, имајќи предвид дека Трамп досега ги исмеваше оние кои носат маска, а британската влада дури неодамна воведе задолжително носење маска во јавен превоз и продавници.

И Светската здравствена организација во почетокот тврдеше дека маските не се ефективна заштита против коронавирусот, но сега препорачува да се носат во затворено, а многу влади ги направија задолжителни.

Според истражувачката група „Masks4All“, во средина на март, само десетина земји имаа препораки да се носи маска, а сега се повеќе од 130, како и 20 американски сојузни држави. Други истражувања покажуваат дека се променил и ставот на луѓето.

И Трамп и Џонсон почнаа да носат маска во јавност (Фото: Ројтерс)

Земјите кои досега немаа историја на носење маски во јавност забрзано го прифаќаат тоа, како Италија (83%), САД (65,8%) и Шпанија (63,8%)“, се вели во извештајот на Британското кралско друштво.

СЗО во почетокот сугерираше дека маска треба да носат само здравствените лица и оние кои имаат симптоми, но откако стана јасно дека многумина носители на вирусот се асимптоматски, таа ги промени своите препораки во јуни.

САД, Велика Британија и Канада беа релативно побавни во прифаќањето на маските, во споредба со Италија, Шпанија и Франција. Денес, 83% Италијанци велат дека секогаш би носеле маска надвор од дома“, вели Сара Џонс, истражувач од Лондонскиот империјален колеџ.

Експертите велат дека маска не би требало да носат само бебиња и мали деца зашто можат да се задушат, како и оние на кои им треба помош за да ја симнат.