СЗО ВЕЛИ ЕДЕН МЕТАР Е БЕЗБЕДНА ДИСТАНЦА, ВО МАКЕДОНИЈА Е 2 МЕТРА, ВО ГРЦИЈА МЕТАР И ПОЛ

Лондон, (Би-Би-Си)

Владата на Велика Британија се наоѓа под притисок да ја олесни мерката за социјална дистанца од два метра за да го олесни враќањето на луѓето на работа. Но, научниците продолжуваат да дебатираат дали тоа би било безбедно, имајќи предвид колку малку се знае за тоа колку далеку може да се шири коронавирусот.

Светската здравствена организација вели дека дистанцата од еден метар е безбедна и некои земји ја имаат усвоено оваа препорака, а други, вклучувајќи ја и Македонија, отидоа подалеку:

  • Правило од еден метар: Кина, Данска, Франција, Хонгконг, Сингапур
  • 1,4 метри: Јужна Кореја
  • 1,5 метри: Австралија, Белгија, Германија, Грција, Италија, Холандија, Португалија
  • 1,8 метри: САД
  • 2 метра: Канада, Шпанија, Велика Британија, Македонија.

Тајмингот исто така е важен: колку повеќе време поминувате во близина на заразено лице, толку е поголем ризикот. Британските научници велат дека шест секунди на дистанца од еден метар е еднакво на една минута на дистанца од два метра.

Студија објавена во медицинското списание „Лансет“ заклучи дека одржувањето растојание од најмалку еден метар е најдобриот начин да се ограничи ризикот од зараза, кој во таква ситуација изнесува само 3%. Вакви истражувања биле правени уште во 1930-ите, кога научниците утврдиле дека најголем дел ситни капки што се исфрлуваат при кашлање паѓаат по еден-два метра.

Постои општа согласност дека вирусот далеку полесно се пренесува во затворено отколку на отворен простор. Јапонските истражувачи утврдиле дека има 19 пати поголеми шанси да се заразите во затворено.