Хирокс е нов фитнес тренд во светот кој е комбинација од функционален тренинг и трчање. Се состои од осум интервали на трчање на еден километар и вежби со тежина. Во Лондон, илјадници луѓе чекаат на ред за тренер за овој нов фитнес тренд.
За ова брзорастечко глобално движење се вели дека го зголемило бројот на учесниците за 1.000% во изминатите пет години.
„Изнемоштен сум, но ова многу ме мотивираше“, кажа 30-годишниот Чарлс Керол откако го заврши својот прв час по хирокс.
Хирокс инструкторката Џени Тардиф вели дека овој спорт во суштина е „глобална фитнес трка“.
„Трчате еден километар, а потоа следи функционална вежба, како туркање тежина или машина за веслање“.
Натпреварувајќи се во парови, квартети или сами, учесниците мора да поминат осум етапи, вкупно осум километри, иако не мора формално да се натпреваруваат за да се вклучат во тренингот.
Самиот збор хирокс всушност не значи ништо, но сето тоа започна во 2017 како трка. Кристијан Тецке и олимпискиот шампион во хокеј на трева Мориц Фирстер ја организираа првата трка во нивната родна земја Германија. На првиот настан настапија 650 учесници, а денес овој спорт го тренираат речиси 200.000 луѓе низ светот.
Во Лондон, на првата трка во 2021 учествуваа 522 луѓе, а во 2023 бројката скокна на 24.000 на две трки. Низ Лондон, сѐ повеќе спортски сали нудат часови по хирокс.
Цените за учество на трка започнуваат од 81 евро, додека просечна членарина во сала е 47 евра месечно, според истражувањето на весникот „Тајмс“.