Рачно подготвената пица доби ривал, пица направена од робот. Француската компанија „Еким“ сака да го промени и да го забрза начинот на производство на пица, со користење на мајстор робот и се надева дека наскоро ќе го инсталира во ресторани кои работат 24/7.

Движењата на роботот се програмирани за да се совпаднат со оние на вистинските пица-мајстори и со три раце може во исто време да направи повеќе пици.

„Ние не сме побрзи од пица-мајсторите, бидејќи направивме пица за четири минути и 30 секунди. Но, сме побрзи во испораката. Ние испорачуваме една пица на секои 30 секунди, што ни овозможува да испорачаме 120 пици на час, а пица-мајсторот може да направи само 40 пици на час“, изјави директорот на „Еким“, Филипе Голдман.

Гостите ќе можат да одберат од големиот избор на пици, вклучувајќи ги традиционалните маргарита и кватро формаџи (Фото: Ројтерс)

Идејата доаѓа од двајца инженери од „Еким“, кои како студенти јаделе неквалитетна брза храна, бидејќи тоа биле единствените оброци кои можеле да си ги дозволат.

Роботот во моментов е во изложбен салон надвор од Париз, додека компанијата бара локација каде ќе може да прави пица, користејќи продукти од Франција и Италија.

Како и со автоматите за храна и пијалоци, гостите преку автоматски екран ќе можат да одберат од големиот избор на пици, вклучувајќи ги традиционалните маргарита и кватро формаџи.

„Луѓето денес сѐ помалку и помалку имаат време за јадење, тешко е да одвојат 30 минути за ручек. Затоа треба да избираат помеѓу времето и квалитетот на храната. Она што ние го правиме е дека ги обезбедивме и двете”, рече Голдман.

Други ресторани низ светот користеа автомати за служење, а во еден во Калифорнија, луѓе и роботи заедно прават пици.