Тулумби, баклава, назлифатми, кајмачиња, шеќер пари, домашна погача, комат, тиганици и педесетина други традиционални јадења беа подготвени од вештите домаќинки за 20. издание на манифестацијата „Етно вешта жена“ во Тетово.
„Манифестацијата се одржува по 20. пат, но оваа година имаме посебен повод, а тоа е дека се приклучивме кон прославата на Денот на ослободувањето на Тетово. Овде, на оваа голема и богата трпеза, ги истакнавме сите наши вредности во однос на храната, односно она што порано го подготвувале нашите мајки, баби, прабаби. Тука сме собрани претставници од повеќе градови од Македонија: Скопје, Кичево, Струга, Куманово и на овој начин успеваме љубовта кон традиционалната храна да ја споделуваме едни со други“, вели Снежана Стојановска, претседателка на мултиетничкото здружение „Вешта жена“.
На оваа манифестација посебно внимание им се посветува на децата, со цел да се запознаат со традицијата на подготвување домашни јадења.
„Сакаме и тие да бидат вклучени во подготовката на овие традиционални јадења. Така им даваме една основа дека храната не треба секогаш само да се купува, туку можат и сами да си ја подготват, а воедно така сакаме да ги зачуваме од заборав старите јадења“, надополнува Стојановска.
Покрај изложената домашна храна, имаше и културно-уметничка програма со учество на познати личности од естрадата.
З. АНДОНОВ