Додека археолошките локалитети на Перу привлекуваат милиони туристи годишно, тамошната кујна остана една од најдобро чуваните тајни на Јужна Америка. Таа доби голем поттик откако „Сентрал“ во Лима беше прогласен за најдобар ресторан на светот за 2023.
Ова е првпат јужноамерикански ресторан да ја освојува титула, а Лима има уште три ресторани во најдобрите 50, што претставува голем триумф за перуанската кујна, која се претвори во глобален бренд во последните две децении.
Минатата година, победникот беше „Гераниум“ во Копенхаген.
„Сентрал“ го водат сопружниците Вирхилио Мартинес и Пија Леон, чија работа веќе 15 години се темели на перуанските состојки и техники.
„Ресторанот ги води гостите низ 15 различни перуански екосистеми, категоризирани според надморска височина: од 15 метри под Тихиот Океан до 4.200 метри во Андите“, објави жирито на церемонијата во Валенсија.
На второто место заврши „Дисфрутар“ во Барселона, а трет е „Диверсо“ во Мадрид.