„Новото шеталиште во центарот на Штип е идеално место за организирање на фестивал на улична кујна, на кој ќе има најразновидни специјалитети од светските кујни, па така од 16 до 18 мај ќе има понуда на вкусна храна. Покрај домашната, ќе има и француска, италијанска, српска, грчка, ориентална кујна“, рекоа организаторите на првиот штипски Фестивал на улична храна.
Организаторите додаваат дека светската кујна на Штипското шеталиште ќе биде добредојдена посебно за младите, со оглед на епитетот на Штип како град на младоста и студентите. За време на фестивалот ќе настапат поголем број музички групи од земјата и странство.
Од Општина Штип, во чија организација е овој фестивал, велат дека иницијативата потекнала од ваквиот фестивал што се одржа во Скопје и додаваат дека ова ќе биде една убава увертира на претстојната традиционална кулинарска манифестација „Штипската пастрмалијада“, која ќе се одржи на почетокот на есента.
Т. ЈОВАНОВСКИ