400 НАСЛОВИ ОД 100 МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛИ ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВАТ НА САЕМОТ НА КНИГА ВО ФРАНКФУРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските издавачи ќе учествуваат на 71. Саем на книга во Франкфурт, кој почнува денеска и ќе трае до недела под мотото „Идеи што го придвижуваат светот“.

Современата македонска литература ќе биде претставена преку Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). На нејзиниот штанд од 32 квадратни метри ќе бидат претставени 400 наслови од стотина македонски автори, објавени од 20-ина издавачки куќи.

Првиот саемски ден ќе биде посветен на македонската литература за деца и млади, со фокус на книгата „Девојче и мече“ од Ване Костуранов, издание на „Арс Ламина – публикации“, а утре е т. н. „македонски ден“.

Франкфурт е домаќин на најголемиот саем на меѓународната издавачка индустрија со повеќе од 7.500 излагачи од 110 земји и со околу 285.000 посетители. Има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.