АЛИСОН МУ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ТАТКО МУ ОТКАКО СТАНА ПРВ ГОЛМАН НА ЛИВЕРПУЛ КОЈ ПОСТИГНАЛ ГОЛ

Ливерпул,, (Би-Би-Си)

Не се гледа секој ден голман да постигнува победнички гол во 95. минута, па кога Алисон Бекер ја затресе мрежата на Вест Бромвич на вчерашниот натпревар, прославувањето беше лудо. Алисон со тоа стана прв голман во 129-годишната историја на Ливерпул кој постигнал гол на официјален натпревар и потоа испрати сигнал кон небото во чест на својот покоен татко.

„Се надевам дека беше тука за да го види ова, сигурен сум дека прославува со Господ покрај себе“, изјави емотивниот Алисон по завршувањето на средбата.

Жосе Агостињо Бекер трагично почина во февруари на 57 години и бразилската полиција кажа дека се удавил пливајќи во езеро во близина на неговиот дом.

„Се надевам дека нема да морам често да давам голови“, се пошегува потоа Алисон.

Тој е само шести голман кој дал гол во Премиерлигата, но прв кој го направил тоа со глава.

„Многу сум емотивен, имајќи предвид што сè се случи со мене и моето семејство во изминатиот период. Но, фудбалот е мојот живот, сум играл со татко ми откога знам за себе. Среќен сум што можев да му помогнам на тимот во моментите кога се бориме за пласман во Лигата на шампионите“, кажа Алисон.