АРИЈАН АДЕМИ СО 300 НАСТАПИ ЗА ДИНАМО ЗАГРЕБ Е РЕДОК ПРИМЕР ЗА ВЕРНОСТ ВО СОВРЕМЕНИОТ ФУДБАЛ

Загреб, (СМАРТ СДК.МК)

Ретко може да се пронајде македонски фудбалер со толкава верност кон еден клуб, особено во странство, како Аријан Адеми.

Триесетгодишниот Адеми го потврди својот статус на легенда на Динамо Загреб откако викендов го одигра 300. официјален натпревар во дресот на „модрите“. Тоа го направи само седми член на овој ексклузивен клуб, што го предводи голманот Дражен Ладиќ со 468 настапи. Адеми брзо ќе напредува и до третото место на вечната листа, на кое сега се наоѓа Марко Млинариќ со 307, а бројот на одиграни мечеви ќе беше и далеку поголем да не беа краткиот заем во Локомотива во 2012 година и принудната двегодишна пауза од фудбалот поради суспензијата за допинг.

Роден во Шибеник, Адеми му се придружи на Динамо во 2010 година и иако се надеваше дека ќе добие вистинска шанса во хрватската репрезентација, тоа не се случи, па во 2014 ја прифати поканата да го облече дресот на Македонија.

На крајот на минатата сезона, Адеми стана најтрофејниот играч во историјата на Динамо со 17 освоени титули, надминувајќи ги Михаел Микиќ и Томислав Бутина.