Карим Бензема денеска го игра последниот меч во дресот на Реал Мадрид, а потоа ќе го напушти клубот во кој помина 14 години. Триесет и петгодишниот Французин освои пет титули во Лигата на шампионите и четири во шпанското првенство откако дојде од Лион во 2009, а од Реал ќе си замине како слободен играч, иако има уште една година од договорот.
„Бензема беше пример за однесување и професионализам и го заслужи правото самиот да одлучи за својата иднина“, соопшти Реал Мадрид, кого го напуштаат и Еден Азар и Марко Асенсио.
Бензема освои вкупно 25 трофеи со „кралскиот клуб“, за кој одигра 647 натпревари и постигна 353 голови, со што е на второто место на вечната листа, зад Кристијано Роналдо. Настапите за Реал му ја донесоа и Златната топка за најдобар европски фудбалер лани.
Иако засега не е потврдено, се верува дека Бензема добил богата понуда за продолжување на кариерата во Саудиска Арабија.
(Фото: АП)