„БЕСАЧИ“ Е ПРВА ПРЕМИЕРА НА МНТ ВО НОВАТА ТЕАТАРСКА СЕЗОНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот народен театар (МНТ) деновиве ја отвори сезоната 2019/20, а првата премиера е закажана на 24 септември. Бугарскиот режисер Јавор Грдев, еден од најзначајните современи европски театарски автори, е при крај со пробите за претставата „Бесачи“. Грдев досега поставил над 35 претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на повеќе од 45 награди. „Бесачи“ за првпат ќе биде поставена пред македонската публика.

За својата прва режија во Македонија, Грдев го одбра текстот на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, познат по црни комедии, како „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“ и „Убавицата од Линејн“. Тој е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите „Во Бриж“, „Седум психопати“ и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

„Основната причина што текстот ’Бесачи‘ го поставувам во МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 ја имам предвид оваа пиеса. Друга, многу важна мотивација е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави“, вели Грдев.

Во претставата играат Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски и Трајче Ѓоргиев.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, а драматург е Дејан Дуковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор е Калин Николов. Извршна продуцентка е Симона Угриновска.