„Без жена сум три години, три месеци и два дена. Сега само гледам“, се пошегува Игор Џамбазов на козметички настан сношти во малата сала на Филхармонијата, на кој беше водител заедно со актерката Јана Стоајновска.
„Сум водел сѐ и сешто, ‘Бинго’, ‘Лото’, Мис на Македонија, Мис на Прдејци, но за првпат водам козметички настан. Никогаш не знаеш каде ќе те однесе животот“, рече актерот.
Џамбазов и Стојановска беа домаќини на Мастерклас и Награди за убавина, што ги организираше „Макеар Македонија“. Се доделија награди на најуспешните едукатори и техничари за изработка на салонски нокти и козметика, а едукаторките во живо покажаа популарни техники за изработка на нокти.
Јана Стојановска настапи со оркестарот на Мишел Трајковски, со кој кон крајот на минатата година ја сними песната „Весник“. Стојановска во последно време е поактуелна со пеењето и беше гостинка на концертот на Раде Шербеџија во февруари во Скопје.
И Џамбазов испеа песна, „It’s Probably Me“ од Стинг, за која рече дека најдобро ја опишува состојбата кај нас сега, по трагичниот пожар во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 лица.
М. ЏАРОВСКА