Со 14. издание на традиционалната манифестација „Незаборав“, посветена на композиторот Тоде Новачевски, ќе се затвори годинашното издание на битолското културно лето Битфест. На 29 август од 20 часот, на платото на Офицерскиот дом ќе се одржи концерт со песните од Тоде Новачевски, во изведба на познати битолски пејачи. Влезот е слободен.
Композиторот Тоде Новачевски, автор на најпопуларните песни на поп дуетот Маријана и Росана, почина во 2022 во Мелбурн на 66 години. Тој беше поранешен сопруг на пејачката Маријана Сариќ, која со сестра си близначка Росана ги испеа неговите најголеми хитови, како „Признавам“, „Свири ми брате цигане“, „Ако не исчезнам“, „Верувај ми“, „Венера“, „Око мое“ и „Има една судбина“. Новачевски ја пееше насловната песна „Урде чавен“ во ТВ-серијата „Трст виа Скопје“.
Роден во Битола, тој повеќе децении живееше во Мелбурн. Автор на проектот „Незаборав“ е Панде Димитровски.
Изминатите 13 изданија на „Незаборав“ беа посветени на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата „Битолски конзули“, битолчаните на фолк фестот „Валандово“, Драган Каранфиловски-Бојс, песни за Битола – прв и втор дел и на песните од фестивалот Интерфест од 1992 до 1996 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА