БОГАТИ И СЛАВНИ ДОНИРААТ ЗА БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ, НО НИКОЈ КАКО ШЕФОТ НА ТВИТЕР

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Основачот и извршен директор на Твитер Џек Дорси објави дека ќе донира една милијарда долари за да ги поддржи глобалните напори на справување со коронавирусот. Тоа е најголемата поединечна донација за оваа цел досега и според Дорси, изнесува 28% од неговото вкупно богатство.

„Откако ќе ја победиме пандемијата на КОВИД-19, фондовите ќе бидат пренаменети за други универзални цели“, напиша Дорси на Твитер.

За да биде сѐ транспарентно, Дорси кажа дека сите негови и други донации ќе можат јавно да се следат преку Google Sheet.

И други технолошки милијардери имаат донирано за борбата против пандемијата, но далеку помали суми: Бил Гејтс, Мајкл Дел и Џеф Безос по 100 милиони, а Марк Закерберг 30 милиони долари.

Свој паричен придонес имаат дадено и голем број славни личности, како Лео Меси, Кристијано Роналдо, Пинк, Ријана, Доли Партон, Џастин Тимберлејк и Опра Винфри, која кажа дека ќе донира 10 милиони долари.

Низа светски познати компании и модни брендови се вклучија на поинаков начин, произведувајќи и донирајќи заштитни маски, респиратори и дезинфициенси.