БРАЗИЛСКА ДВОЈКА 20 ГОДИНИ САДЕШЕ ШУМА КОЈА СЕГА Е ДОМ НА СТОТИЦИ ВИДОВИ ФЛОРА И ФАУНА

Рио де Жанеиро, (Гардијан)

Кога пред 25 години бразилскиот фоторепортер Себастијао Рибеиро Салгадо се вратил од источна Африка, кадешто го документирал геноцидот во Руанда, тој со своето семејство сакал да започне нов, мирен живот на ранч во Минас Жераис. Сепак, место дождовните шуми по кои бил познат овој регион, тој затекнал пустош: само 0,5% од областа сè уште била покриена со шума, а целиот див свет исчезнал.

„Земјата беше болна, исто како мене. Сè беше уништено“, кажа Салгадо во интервјуто за весникот „Гардијан“ од 2015 година.

И тогаш со неговата сопруга Лејла дошле на идеја повторно да ја засадат шумата, а за овој навидум невозможен потфат во 1998 година ја основале еколошката организација „Институто тера“. Во наредните години, Салгадо и „Институто тера“ засадиле вкупно два милиони дрвја и постепено ја обновиле шумата на површина од 710 хектари, трансформирајќи опустошено неплодно земјиште во тропски рај.

Ова денес е Приватен природен резерват и дом на стотици видови флора и фауна. Покрај 293 видови дрвја, во овој резерват живеат и 172 видови птици, 33 видови цицачи и 15 видови водоземци и влекачи, од кои некои загрозени. Исто така, проектот имаше огромно влијание на екосистемот и климата и обнови неколку претходно пресушени извори.

Сите птици, инсекти и риби се вратија, а како што пораснаа дрвјата, така и јас повторно се родив“, вели Салгадо.