ЧУВАЈ ЈА ЏИЏИ, А ЈАС ГИ ИМАМ НАТИ, БИБИ И КОКО, КАЖА СОПРУГАТА НА КОБИ БРАЈАНТ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС

Лос Анџелес, (АП)

Ванеса Брајант го опиша Коби Брајант како посветен татко и сопруг, кој доаѓал порано за да ги собере децата од училиште и кој пишувал прекрасни писма и честитки.

Мајкл Џордан го нарече Коби „помлад брат“ и кажа дека „кога тој умре, со него умре и дел од мене“.

Мајкл Џордан низ солзи зборуваше за своето големо пријателство со Коби (Фото: АП)

Спортските постигнувања на Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа на 26 јануари заедно со 13-годишната ќерка Џана и со уште седум лица, беа само една причина зошто 20.000 луѓе синоќа се собраа на јавната комеморација во „Стејлпс центар“ во Лос Анџелес, домот на неговиот Лејкерс. Лос Анџелес веќе знаеше дека Коби беше многу повеќе од кошаркарска икона.

„Не го гледав како славна личност, ниту како неверојатен кошаркар. Тој беше мил сопруг и прекрасен татко на нашите ќерки. Тој беше мој, тој ми беше сѐ“, рече Ванеса Брајант.

Алиша Киз беше меѓу музичките ѕвезди кои настапија (Фото: АП)

Церемонијата вклучи и музички настапи на Бијонсе, Алиша Киз и Кристина Агилера, а беше прикажан и краткиот анимиран филм „Драга кошарко“, за кој Коби освои Оскар пред две години.

Во публиката беа и кошаркарски великани како Џери Вест, Карим Абдул-Џабар, Меџик Џонсон, По Гасол, Мајкл Џордан, Шекил О‘Нил и Фил Џексон, но и Ким Кардашијан, Канје Вест, Џенифер Лопес и Алекс Родригес.

Родителите на Коби, Џо и Пем Брајант (Фото: АП)

„Душо, чувај ја нашата Џиџи, а јас ги имам Нати, Биби и Коко. Ние сѐ уште сме најдобриот тим“, порача Ванеса.

Мајкл Џордан низ солзи зборуваше за своето големо пријателство со Коби, за кое инаку малку се знаеше.

„Го сакав Коби како помлад брат што никогаш не сум го имал. Тој сакаше да биде најдобриот можен кошаркар, а јас сакав да му бидам најдобриот можен постар брат. Кога тој умре, умре и дел од мене“.