ЏЕНИФЕР ЛОРЕНС ЌЕ ПАУЗИРА ОД ХОЛИВУД ЗА ДА СЕ БОРИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Оскаровката и една од најплатените актерки на светот, Џенифер Лоренс, ќе паузира од глумата една година и повеќе ќе се ангажира како активистка во борбата против корупција.

Најавувајќи го нејзиниот нов филм „Црвен врабец“, ѕвездата на „Игрите на глад“ изјави дека 12 месеци ќе се посвети на привлекување на што повеќе млади луѓе во политиката.

Дваесет и седумгодишната глумица е во одборот на „Репрезент. Ас.“, непрофитна организација која се бори против политичкиот поткуп и за усвојување на законите против корупција.

„Ние се обидуваме младите луѓе повеќе да се ангажираат политички на локално ниво. Ова нема никаква врска со политиката. Се работи за антикорупција и за работи кои се обидуваат да помогнат во спречувањето на корупцијата и да ја поправат нашата демократија”, изјави актерката.