ДИМКОВСКА И ДИМИТРОВА МЕЃУ СЕДУМТЕ ДОБИТНИЦИ НА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „ШТЕФИЦА ЦВЕК“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските писателки Лидија Димковска и Калиа Димитрова се меѓу седумте автори од регионот кои се добитници на годинашното признание „Штефица Цвек“.

Регионалната книжевна заедница номинираше 153 наслови за третата по ред награда „Штефица Цвек“. По неколку кругови на жирирање, изборот на крајот се сведе на седум добитнички изданија. Димкoвска е наградена за романот „Единствен матичен број“, а Димитрова за делото „Во хаосот радост“ .

„Наместо да избере само еден победник, ‘Штефица Цвек’ го слави колективното влијание на овие дела, кои ги предизвикуваат конвенциите, поттикнуваат критичка мисла и нудат нов поглед на горливите прашања на нашето време. За конечниот избор, именуван според хероината на феминистичкиот класик на Дубравка Угрешиќ, одлучуваа членките на жири-комисијата: Маја Абаџија (Босна и Херцеговина), Дара Шљукиќ (Србија) и Мања Величковска (Македонија)“, соопшти организаторот.

Прогласувањето се одржа во Историскиот музеј на Босна и Херцеговина на фестивалот за женска уметност и активизам „Пичвајз“. Признанијата ќе бидат врачани во Загреб во октомври.