„ДИЗНИ“ СЕ СОГЛАСИ СМРТНО БОЛЕН ФАН НА „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“ ПРЕДВРЕМЕ ДА ГО ГЛЕДА НОВИОТ ФИЛМ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Смртно болен фан на „Војна на ѕвездите“ ќе може да го гледа новиот филм пред неговата светска премиера заедно со својот син, потврди извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер.

Болницата „Роуанс“ од Вотерлувил, Хемпшир, го побара ова преку Твитер во името на еден свој пациент, сметајќи дека тој нема жив да го дочека 20 декември, за кога е закажана светската премиера на „Подемот на Скајвокер“.

„Ова е нашиот очајнички повик. За жал, времето не е на негова страна“, напишаа од болницата.

Барањето го поддржа и една од ѕвездите на филмот Марк Хамил и откако пристигна потврда од „Дизни“, од болницата кажаа дека не можат да бидат поблагодарни.

„Со задоволство ќе овозможиме прикажување на ‘Подемот на Скајвокер‘ во болницата ‘Роуанс‘ за пациент и неговото семејство. Силата нека биде со вас“, одговори Ајгер на Твитер.

„Подемот на Скајвокер“ е последниот дел од новата трилогија и воопшто последен филм од сагата за Лук Скајвокер.