ДВОЈКАТА ОД КУЛТНАТА ФОТОГРАФИЈА ОД ВУДСТОК СО ВИП-ТРЕТМАН НА 50-ГОДИШНИНАТА ОД ФЕСТИВАЛОТ

Њујорк, (АФП)

Ник и Боби Еролин биле само три месци во врска кога во 1969 дошле заедно на фестивалот Вудсток, кој стана симбол за нивната генерација.

После неколку месеци од Вудсток, парот дознал дека и тие двајца станале симболи: фотографија на која двајцата стојат прегрнати со кебе се најде на омотот на албумот со најзначајните песни од музичкиот фестивал.

„Нашата реакција беше: ‘Мора да се шегувате со нас’. Бевме во шок“, се присетува Ник на моментот кога го виделе албумот.
Педесет години подоцна, тие беа ВИП-гости на одбележувањето на 50-годишнината на фестивалот.
„Не знаевме на што сме сведоци сѐ додека не помина извесно време. Како изминуваше секоја година, се навраќавме наназад и си велевме дека тоа беше навистина феномално“, велат Ник и Боби, кои месецов прославија 48 години брак.

Тие велат дека не се сеќаваат кога ги сликал фотографот Бурк Азл, но велат дека тоа е поза која може да се види секое утро во нивниот дом.
„Благодарна сум дека бевме дел од Вудтсок. И дека можев тоа да го споделам со мажот кој го знам 50 години“, вели Боби.