ЕДВАЈ ЧЕКАМ ЕНЕРГИЧНО ДА ГО БРАНАМ ТИМБЕРЛЕЈК, КАЖА АДВОКАТОТ НА ПЕЈАЧОТ KOJ БЕШЕ УАПСЕН ЗАШТО ВОЗЕЛ ПИЈАН

САД, (Би-Би-Си)

Адвокатот на Џастин Тимберлејк вели дека со нетрпение чека „енергично да го брани“ поп-пејачот откако тој беше обвинет за возење во алкохолизирана состојба. Тимберлејк (43) беше уапсен нешто по полноќ во понеделникот бидејќи видел знак за стоп и не застанал.

Инцидентот се случил во Саг Харбор на њујоршки Лонг Ајленд, популарна дестинација за одмор на познати личности. Тој беше ослободен без кауција откако беше официјално обвинет и треба да се појави на суд на 26 јули, потврди канцеларијата на окружниот обвинител на Сафолк.

„Со нетрпение очекувам енергично да го бранам Тимберлејк за овие наводи. Во моментов чекам целосен извештај за случајот од канцеларијата на окружниот обвинител“, изјави неговиот адвокат Едвард Бурк Џуниор.

Тимберлејк беше на турнеја низ САД за да го промовира својот шести албум, а токму на 26 јули, кога треба да се појави на суд, има закажан концерт во Краков, Полска.

Кога полицајците го запреле, очите на Тимберлејк биле крвави и стаклени, говорот му бил забавен, а здивот му мирисал на алкохол, стои во судските документи. Тој, исто така, одбил алкотест. Пејачот претходно отворено зборуваше дека барал помош за претерано пиење.

Во државата Њујорк, казните за обвиненијата поврзани со возење во алкохолизирана состојба вклучуваат до една година затвор, парична казна од 1.000 долари и суспензија на возачката дозвола на најмалку шест месеци.