По повеќе од 20 години, раперот Раде Врчаковски- Врчак се врати на музичката сцена. Заедно со аренби дуото ДНК, тој настапи на „Златна буба мара на популарноста“, завчера (22 февруари) во салата „Борис Трајковски“.
Врчак и ДНК добија награда за песна на годината за нивниот заеднички сингл „Посреќна“ кој го промовираа минатата година. Автор на музиката и аранжер е Лазар Цветкоски, а текстот ги напишаа Врчак и Владимир Блажев- Панчо.
За нивниот настап на „Златна буба мара“ кој според сценариото беше оставен за крај, салата не беше полна. Шоуто траеше четири ипол часа, а ДНК и Врчак добија награда во 12.30 по полноќ. Ги дочекаа верните фанови, а едни од нив која ја слушале музиката на Врчак во 1990-тите, од еден од блоковите во салата се симнаа пред сцената.
„Се радувам што добивме награда за песна на годината, ве сакам сите и ви благодарам многу. Подгответе се и за нови хитови. Наградата ќе ја донираме за да се соберат и доделат средства за хуманитарни цели“, ни изјави Врчак.
„Едвај издржав да останам до крај. Владимир ми кажа дека можеби ќе добиеме награда. Во 19.30 требаше да се чекаме пред салата, а во 12.30 по полноќ настапивме последни. Во меѓувреме 100 пати ми дојде да си одам дома од замор, речиси 5 часа траеше манифестацијата. Во иднина би требало околу еден час да направат да е „Златна буба мара“, додава Врчаковски. Награда за трајни музички вредности доби и неговиот татко, д-р Миодраг Врчаковски.
На Фејсбук страницата, ДНК објавија дека како и минатата година, статуетката од „Златна буба мара“, ќе ја стават на лицитација. „Овојпат средствата кои ќе бидат собрани, ќе бидат наменети за лекувањето на Леонид Индов, кој заедно со неговата фамилија ја водат најтешката битка во животот. Почетната цена на статуетката е 6.000денари но искрено се надеваме дека сумата ќе достигне многу повеќе“, рекоа Андреја Ѓорѓиески и Владимир Блажев-Панчо од ДНК.
ЗА ДЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „ДЕДО МРАЗ ДОЈДЕ СО ВОЗ“, ШТО ЌЕ СЕ ИГРА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СЕ РЕСТАВРИРАНИ ЛОКОМОТИВА ОД 1942 И ВАГОН ОД 1950-ТИТЕ