Филмските компании „Дизни“ и „Марвел“ ја стопираа продукцијата на третиот дел на „Чувари на галаксијата“, откако режисерот Џејмс Ган доби отказ во јули.
Според „Холивуд рипортер“, екипата која требаше да работи на филмот била ослободена од обврските и им било кажано дека се слободни да бараат други проекти.
Шпекулациите за неизвесната иднина на филмот се појавија по неочекуваното отпуштање на Ган поради стари твитови, во кои тој кажува шеги за педофилија и силување. Ган, кој беше сценарист и режисер на првите два филма, се извини за постовите.
„Се сметав себеси за провокатор и правев филмови и кажував шеги што за многумина беа контроверзни. Но, сега сум многу, многу поразличен човек од оној што бев пред неколку години. Се извинувам ако мојот хумор навредил некого“, рече Ган.
Ган го завршил сценариото за третиот „Чувари на галаксијата“, кој требаше да почне да се снима на почетокот на 2019. Актерската постава повика на враќање на режисерот, но студијата не го променија ставот.