Премиерата на новиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, американско-германската копродукција „Бикини Мун“, е вечерва во 20 часот во киното Милениум.
Пред тоа, ќе биде прикажан петминутниот филм на Манчевски, „Крајот на времето“, а од 22 часот, „Бикини Мун“ ќе почне да игра на редовниот репертоар на киното.
Манчевски, најнаградуван македонски автор, вели дека „Бикини Мун“ е една современа трагедија или, поточно, филм во филм, лажен синема верите документарец.
„Замисли си да си жена која била војник во Ирак и сега живее на улица во Њујорк како бездомник. Ќерката ѝ ја зеле, затоа што таа е ментално нестабилна. Нејзиниот поглед на стварноста е одлична порта во испитувањето на она што нѐ интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и како медиумите, во случајов, документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат“, кажа Манчевски.
Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.
Манчевски и на овој филм соработува со наградуваниот британски дизајнер на продукција Дејвид Манс, со кого се познаваат 25 години, од „Пред дождот“.
Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а во екипата се уште двајца Македонци, композиторот Игор Василев-Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов.
Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто ја освои специјалната награда од жирито.
По Скопје, следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), Истанбул, Менхетн, Франкфурт и во Нешвил.