ФИЛХАРМОНИЈАТА ГИ ОТВОРА 41. ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со вечерашниот концерт на Македонската филхармонија од 20 часот, свечено ќе биде отворено 41. издание на Денови на македонска музика.

Под диригентство на Борјан Цанев, ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори од различни генерации: „Три псалми за хор и оркестар “ (2017) од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар (2005) од Панде Шахов, како и премиерата на Концертот за виолина и оркестар (2016) од Филип Иванов.

Солисти на концертот се младите и наградувани музичари Александар Иванов на виолина и Игор Иванов на кларинет, а ќе настапи и византискиот Камерен хор „Херувими“.

Организаторот на фестивалот, Сојузот на композитори на Македонија, вечерва ќе ги врачи годишните награди: ,,Панче Пешев“ за најзначајни музички достигнувања во текот на една година за композиторите Кокан Димушевски и Дарија Андовска, „Георги Божиков“ за најуспешна изведба на македонско дело во 2017 година за Биг-бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, како и „Трајко Прокопиев“ за животно дело за музикологот и публицист Марко Коловски.

Денови на македонска музика ќе трае до 5 април, а ќе има 11 концерти, на кои ќе се промовираат повеќе нови композиции.

По подолго време, премиерно ќе биде изведена камерната опера „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начевски, а ќе настапат и гости од Албанија и од Израел.